Ренџерс ќе мора да плати над 9 милиони евра ако сака да го купи Миовски

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ќе биде еден од најинтересните фудбалери летово на Островот бидејќи за него се заинтересирани и шкотски и англиски клубови.

Во дресот на Абердин, сезонава тој постигна 24 гола поради што, меѓу другите, стана интересен за најтрофејните шкотски клубови Селтик и Ренџерс. Од Абердин се уште тврдат дека не планираат да го продадат, но никој не верува во тоа бидејќи цената на Миовски драстично скокна поради одличните игри сезонава. Џони Мекферлејн од Ренџерс тврди таа ќе биде исклучително висока за услови во шкотскиот фудбак.

„Мислам дека тој е огромен талент и би бил совршено засилување за Ренџерс. Не верувам дека Абердин би се задоволил со мала сума за него, туку таа ќе биде исклучително висока и нема да бидам изненаден ако изнесува 8 милиони фунти (9,3 милиони евра)“, вели Мекфеелејн.

Миовски има најдобар процент на реализирани шанси во шкотската Премиер лига (16%) и во тим со подобри соиграчи веројатно би постигнал повеќе од сегашните 24 гола. Абердин го купи за околу 600 илјади фунти што значи дека сега би заработил дури 13 пати повеќе.