Реми во дербито на дното: Њукасл останува единствен без победа во Премиерлигата (ВИДЕО)

Фудбалерите на Њукасл можеби добија супер богат газда, но како што играат може да се случи следната сезона да креираат ѕвезден тим за настап во понизок ранг, откако и во 14-иотмеч сезонава остануваат без ниту една победа.

Црно-белите ремизираа на домашен терен во дуелот со директниот ривал за опстанок, екипата на Норич (1-1), во меч во кој немаа среќа со оглед што по само девет минути останаа со играч помалку по црвениот картон на Кларк како последен играч во одбраната. Дури и во таква ситуација, тие прво дојдоа во водство преку Вилсон во 61. минута од пенал, но немаа сили да го задржат водството, па гостите изедначија преку Пуки во 79. минута.

Њукасл останува последен со седум бода, два помалку од Барнли, кој има и два меча дополнително да одигра и три помалку од вечерашниот ривал Норич.