Реал официјално ја потврди големата вест: Куртоа го продолжи договорот
Белгискиот голман е дел од мадридскиот состав од 2018 година и во изминатиот период се наметна како еден од најважните играчи на тимот. Иако неговиот престој беше проследен и со сериозни проблеми со повредите, Куртоа секогаш кога беше на располагање ја потврдуваше својата класа.
Во дресот на „кралевите“ досега има забележано 348 настапи и освоено дури 14 трофеи. Меѓу нив се издвојуваат две титули во Лигата на шампионите, три шампионски круни во Шпанија и три Светски клупски првенства. Особено се памети неговото издание во финалето на Лигата на шампионите во 2022 година против Ливерпул, кога со серија фантастични интервенции беше еден од најзаслужните за европската титула на Реал. Токму тогаш беше прогласен и за најдобар играч на финалниот натпревар.
Куртоа зад себе има и бројни индивидуални признанија, меѓу кои наградата „Јашин“ за најдобар голман во 2022 година, како и признанието за најдобар голман на ФИФА во 2018 година. Продолжувањето на договорот е дел од пошироката стратегија на Реал за задржување на клучните фудбалери. Претходно нови договори потпишаа Винисиус Жуниор, Арда Ѓулер и Орелиен Чуамени.