Алкараз и повреден го растури Коболи

Карлос Алкараз покажа дека и физичките проблеми не можат лесно да го запрат, откако со убедлив триумф над Флавио Коболи го заврши настапот во групната фаза на завршниот АТП-турнир во Торино. Шпанскиот тенисер славеше со 6-4, 6-1, иако на теренот се појави со видлива заштита на повредената лева нога.

Алкараз се соочи со проблеми со задната ложа за време на претходниот дуел со Данил Медведев, по што мораше да направи и магнетна резонанца. Прегледите не покажале посериозна повреда, па првиот светски рекет доби зелено светло да продолжи со настапите.

Шпанецот уште од самиот почеток ја презеде контролата. Направи брејк во првиот гем, ја задржа предноста и го освои почетниот сет со 6-4. Во вториот сет разликата во квалитетот беше уште поизразена. Алкараз трипати му го одзеде сервисот на противникот и за само 65 минути ја заврши работата.

Колку доминантен беше неговиот настап покажува и статистиката – Алкараз забележа дури 29 директни поени, наспроти само девет на италијанскиот тенисер. Притоа, не му дозволи на Коболи ниту една брејк-топка. Со овој триумф Алкараз ја заврши групната фаза со максимални три победи, без загубен сет, и како првопласиран во групата Иван Лендл обезбеди место во полуфиналето.

Таму го очекува нов предизвик – дуел со Американецот Бен Шелтон. Алкараз ќе се обиде да направи уште еден чекор кон трофејот на завршниот турнир, кој сè уште го нема освоено во својата кариера.