„Џелатот“ на Вардар пред банкрот: Седумкратниот европски шампион се соочува со финансиски колапс
Ситуацијата е особено загрижувачка по информациите дека ракометарките би можеле да добијат понуди за драстично намалување на платите, во одредени случаи и до 50 или 60 проценти. Оние кои нема да ги прифатат новите финансиски услови би можеле да го напуштат клубот, што отвора простор за вистински трансфер-земјотрес во женскиот ракомет.
Дополнителен удар за Ѓер е фактот што интерес за неговите ракометарки веќе покажуваат неколку европски великани. Француските Брест и Мец се поврзуваат со Дионе Хусхер и Кели Далфер, додека романскиот ЦСМ Букурешт ја разгледува можноста за ангажман на Бруна де Паула. Најновата потврда дека ситуацијата е сериозна доаѓа од Данска. Бјарне Педерсен, претседателот на управниот одбор на Есбјерг, откри дека во последните денови преку менаџери им биле понудени дури пет или шест ракометарки од актуелниот состав на Ѓер.
„Тажно е. Ова е многу лоша вест за женскиот ракомет. Во изминатите денови ни беа понудени пет или шест ракометарки од Ѓер. Неверојатно е што ситуацијата стигна дотука“, изјави Педерсен.
Според него, финансиските проблеми се поврзани со промените во системот на финансирање на спортот во Унгарија, но и со зголемувањето на даночните оптоварувања. Тој предупреди дека споменувањето банкрот е јасен сигнал дека проблемите се многу подлабоки отколку што изгледаат. Сепак, Есбјерг нема намера набрзина да реагира и да направи масовен трансфер на ѕвезди од унгарскиот клуб. Данскиот тим сака да ја задржи својата долгорочна стратегија, и покрај можноста на пазарот да се појават ракометарки од светска класа.
Дополнителна неизвесност создава и ставот на раководството на Ѓер. Извршната директорка Фата Едина претходно призна дека заминувањето на дел од ракометарките би било голема помош за клубот, а доколку не се постигне договор за намалување на платите и рационализација на трошоците, не е исклучено ниту најцрното сценарио – банкрот.
Ѓер има посебно место и во историјата на македонскиот ракомет, но не поради пријатни спомени за навивачите на Вардар. Унгарскиот гигант двапати беше кобен за скопскиот тим во финалињата на Лигата на шампионите – во 2017 и 2018 година. Во двете финалиња Ѓер излезе како победник, спречувајќи го Вардар да ја освои европската круна.