Реал Мадрид за едно полувреме до рутински три бода (ВИДЕО)

Реал Мадрид победнички се врати во Ла Лига, откако вечерва на стадионот „Алфредо ди Стефано“ го совлада Еибар со 3-1 во рамки на 28.коло.

„Кралевите“ ја завршија работата за едно полувреме, а победата ја најави Тони Крос уште во четвртата минута. Потоа Серхио Рамос зголеми на 2-0 по половина час, откако Еден Азар одлично асистираше. Марсело со убав гол од работ на шеснаесетникот погоди за 3-0 во 37-та минута.

Во второто полувреме, Реал Мадрид играше со 50 отсто од силата, а Еибар тоа го искористи за да направи неколку шанси па и да го ублажи поразот преку Педро Бигас по еден час игра.

Сега Реал Мадрид се врати на -2 бода во однос на лидерот Барселона, кој има 61 бод.Еибар е 16-ти со 27 бодови, но е близу до опасната зона.