Реал и Мен-ју биле договорени: Како пропаднал сигурниот трансфер на Јовиќ на „Олд Трафорд“?

Српската ѕвезда Лука Јовиќ имал сигурен и веќе договорен трансфер во Манчестер јунајтед после завршување на актуелната сезона која се доигрува поради пандемијата со коронавирус, но во последна секунда сето тоа пропаднало, објави шпанскиот „Дон Балон“.

Според информациите за кои весникот тврди дека се релевантни, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед имале договорен трансфер од 55 милиони евра, а согласност дал и Јовиќ кој практично се договорил за петгодишна соработка. И сето тоа стоело само на „стенд бај“ да се официјализира кога ќе дојде време, односно да заврши сезоната.

Арно ама, одеднаш целиот договор пропаднал и тоа зашто на „црвените ѓаволи“ им се отворила шанса да го ангажираат италијанскиот репрезентативец од Лацио, Чиро Имобиле, кој изгра во извонредна форма во оваа сезона. Така Јовиќ сега ќе чека друга шанса или евентуално – нов пресврт.

За Србинот интерес имаше и од Милан, дури се најавуваше дека од Реал би си заминал само во Милан, но „росонерите“ немаат доволно пари во моментов за да го купат.

Инаку, српската ѕвезда повторно е во фокусот за нова лудорија. Си викнал пријател од Белград да му дојде на гости и поради него сега заглавил во изолација. Поради строгите мерки на „кралевите“, пријателот на Јовиќ испаднал позитивен на Ковид-19, па напаѓачот ќе мора повторно да „си лежи“ дома од непромислен потег. Откако направи трансфер од Ајнтрахт за 60 милиони евра, Јовиќ повеќе е во фокусот за нефудбалски работи, отколку за настапи, голови, асистенции во „белиот дрес“.