Реакциите на Пеп, Клоп и Мурињо по оставката на Венгер...

Стратегот на Арсенал, Арсен Венгер утрово се прости од Арсенал со објавата дека по завршувањето на сезоната, ќе ја напушти клупата на „топчиите“ по 22 години.

Венгер има уште ена година од договорот со Арсенал, но одлучи дека е вистинско време да замине, по слабите резултати и големиот број на критики.

Капитенот на Арсенал, Пер Мертезакер, кој Венгер го донесе пред седум години, исто така ќе ја заврши кариерата на крајот на сезоната во Арсенал.

„Само што дознавме. Беше многу емотивно. Секогаш ми даваше поддршка. Тој е една од главните причини поради која сум тука. Ми даде шанса да играм, ме направи капитен, иако бев повреден. Ми даде улога во клубот за иднина, па благодарен сум му за тоа. За мене ова е многу тажен ден“, кажа Германецот.

Од Французинот се простија фудбалерите, тренерите, поранешните клубови и светските спортски легенди, како и голем број ѕвезди, кои Венгер ги откри во минатото и ги донесе во Лондон.

Емотивна порака доби од поранешниот играч, Сеск Фабрегас, кој како млад талент го донесе од Барселона.

„Не го очекував ова, но покажува колку достинство има тој човек. Никогаш нема да ја заборавам неговата поддршка. Имаше доверба во мене од првиот ден, па му должам многу за тоа. Ми беше како татко на мене во Арсенал“, кажа Фабрегас.

Еден од најголемите играчи на „топчиите“ во историјата, Тјери Анри во Лондон стигна поради Французинот, кој од него направи најопасен напаѓач во Европа.

„Тажен ден за мене зашто гледам дека заминува голем човек, но и среќен, зашто луѓето му даваат почит, каква што заслужува. Му беше тешко во последно време, но се надевам дека ќе се збогува како што му доликува“, вели Анри.

Поранешниот голгетер на Арсенал, Робин ван Перси напиша:

„Ти благодарам Арсен на довербата за минатите години. Ти си посебен човек и тренер. Дефинитивно еден од најдобрите во историјата. Секогаш ќе те гледам како фудбалски татко. Со тебе пораснав како личност и како играч. Засекогаш сум ти благодарен за тоа и ти посакувам многу среќа во иднина“, напиша Ван Перси.

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп кажа:

„Изненаден сум. Одлуката е на него и тоа го почитувам. Остави многу спомени во фудбалот. Имаше фантастична кариера и тој е неверојатна личност. 22 години е долг период. Доминираше во деведесетите и 2000. Години, но денес е поинаку“, кажа Клоп.

Среќа на Венгер му посака и Жозе Мурињо.

„Ако е среќен, и јас сум среќен. Ако е тажен, и јас сум. Секогаш им посакувам најдобро на своите ривали. Сигурен сум дека наскоро ќе му ја дадеме почитта која ја заслужува“, кажа Мурињо.

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели:

„Премиерлигата е Премиерлига поради Арсен Венгер, поради работите кои ги направи тука, неговата визија и неговата почит кон фудбалот“

На пораките им се приклучи и тренерот на ПСЖ, Унај Емери.

„Невозможно е да зборувате за Арсенал, Премиерлигата и тренерската работа, без да го споменете името на Венгер“, кажа стратегот на Парижаните.

Почит му покажаа и големите ривали. Легендата на Манчестер јунајтед, Гери Невил напиша:

„Венгер го направи најдобриот тим против кој имам играно во англискиот фудбал. Генерацијата од 1998. година беше неверојатна. Најголем комплимент е тоа што играше фудбал, кој нас не натера да го смениме начинот на игра“

Но, освен фудбалерите, тренерите и навивачите, Венгер пофалби доби и од неговите поранешни клубови и ривали.

„Респект“, напиша Монако.

„Му честитаме на 22-годишната кариера во Арсенал. Среќно до крајот, освен на 60. натпревар против нас следниот викенд“, напишаа од Манчестер јунајтед.