Растур-систем во Интер: Киву брка осум играчи, меѓу нив и херојот со Барселона

Европскиот вицешампион Интер ќе доживее големи играчки промени во пресрет на новата сезона откако неодамна беше сменет и тренерот Симоне Инзаги.

На негово место е поставен романскиот стручњак Кристијан Киву кој веднаш почна со реконструкција на тимот. Интер во моментов е на Светското клупско првенство, но по неговото завршување најверојатно ќе остане без дури осуммина фудбалери од актуелниот играчки кадар на кои Киву им рекол дека се слободни да бараат нова средина.

На листата е и херојот од двомечот од Лигата на шампионите против Барселона, Франческо Ачерби кој на реваншот во Милано го постигна голот за израмнување во судиското продолжение, а потоа „нераѕурите“ дојдоа до победа од 4-3 и се пласира во големото финале. Останатите седуммина се: Јан Бисек, Кристијан Аслани, Хакан Чалханоглу, Давиде Фратези, Валентин Карбони, Мехди Тареми и Пио Еспозито.

Интер досега доби само едно засилување и тоа хрватскиот репрезентативец Петар Сучиќ кого „нераѕурите“ го купија уште во јануари, но тој остана на позајмица во Динамо до крајот на сезоната.