Рамос: Ако сакав лични награди ќе играв тенис!

Капитенот на најтрофејниот шпански клуб Реал Мадрид, Серхио Рамос откри дека обожува да презема одговорност во клучни моменти, откако со пеналот кој го погоди на „кралевите“ им донесе победа со Атлетик Билбао (1-0) и тие продолжија да чекорат кон шампионската титула во трката со Барселона.

Рамос стигна до 71-от гол во кариерата, 69-ти во дресот на „кралевите“ (има два за Севилја) и сезонава е втор најдобар стрелец во својот тим, што е неверојатно зашто Рамос е централен дефанзивец, а вкупно 12 гола даде од кои десет во Ла Лига и два во ЛШ. За него ова беше 22-от последователен реализиран пенал.

„Јас сакам да преземам одговорност, а ситуации кога шутирам пенал и луѓето најмногу се двоумат, јас во тоа најдобро се снаоѓам. Но, небитни се моите голови, колку пенали сум дал. Јас размислувам само на победа, три бода. Најважно е да победиш, ова е тимски спорт, најубав спорт и победата е таа што се смета. Да сакав да се борам за лични награди и индивидуални достигнувања – ќе играв тенис!“, вели Рамос.