Радио „Каталуња“: Меси закажал состанок на татко му со Лапорта за враќање во Барса!

Враќањето на Лионел Меси во Барселона после две години откако замина во Пари Сен Жермен повторно е активна приказна, објави радио „Каталуња“, повикувајќи се на извори блиски со првиот човек на „Камп Ноу“, Жоан Лапорта.

Без оглед на финансискиот крах на каталонската гордост и проблемите со регистрацијата, Барселона е решена да го врати Меси, па според последните информации Лапорта закажал состанок со таткото на Лео, Хорхе, кој му е менаџер, за да се најде начин за враќање на најдобриот фудбалер во историјата на Барса.

„Потврдено! Враќањето на Лео Меси во Барса е повторно активна приказна. Лео побарал од својот татко, кој му е менаџер да закаже состанок со Жоан Лапорта и сѐ е веќе договорено. На состанокот ќе се решаваат деталите за кам-бекот и потписот на договорот“, објави радиото.

Каталонски медиуми веќе објавија дека Барселона среде најголемата криза има еден начин многу лесно да го врати Меси, а тоа е да го регистрира за минимални 200.000 евра годишна плата, а потоа кога ќе му организира проштален меч, сиот приход од ТВ-правата, маркетингот, продадените влезници, по проценка од 100 милиони евра да му ги даде како благодарност и за враќањето и за сѐ што направи за Каталонците.

Меси израсна во „Ла Масија“, а за првиот тим на Барса играше од 2004 до 2021 година, освојувајќи четири трофеи во ЛШ и десет во Ла Лига, а замина во летото 2021 година откако Барса не можеше да го регистрира поради пренадуениот буџет при долг од повеќе од милијарда евра. Неговиот договор со ПСЖ истекува летово и тој е слободен играч, а иако имаше успен договор за нова соработка по СП во Катар, преговорите се прекинаа и Меси се предомисли за останување. ПСЖ и понатаму е прв фаворит за да го задржи, но последните критики и свирежи од париската публика веројано ја донеле одлуката кај Меси за заминување, особено што и семејството сака да се врати во топлата Каталонија.