ПСЖ е најпривилегиран во Франција, а Кварацкелија уште се „сили“

ПСЖ го победи Челзи со 5-2 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите на „Паркот на принцовите“ и има убедливо водство пред реваншот во Лондон во вторник.

И покрај убедливата предност, актуелниот европски и француски првак доби дозвола да не игра викендов во редовното коло од Лига 1 за да можат фудбалерите да се одморат за реваншот. ПСЖ нема да игра против Нант кој му излезе во пресрет на својот ривал, а одлуката за тоа беше донесена уште пред првиот меч. Поради сето тоа, дури чудно звучи изјавата на Квича Кварацкелија.

„Рекоа дека сме уморни? Не се согласувам со нив, бидејќи ние сме ПСЖ. Покажавме дека сме способни за сè“, рече грузискиот крилен напаѓач.

Како да се протолкуваат овие зборови, ако се знае дека ПСЖ го одложува натпреварот против последнопласираниот тим на табелата во француското првенство? Лион, Стразбур и Лил дури и не побараа таква дозвола, иако играат важни натпревари и во Лигата на Европа и Лигата на Конференциите.