Премногу смела прогноза: Хујсен е единствен стопер што може да освои Златна топка

Спортскиот директор на Борнмут, Тијаго Пинто ја изненади светската фудбалска јавност со прогнозите во врска со стоперот на Реал, Дин Хујсен.

Шпанскиот репрезентативец летоска се пресели токму од Борнмут во Реал за 62 милиона евра, но засега не ги оправдува очекувањата од него со оглед на тоа што е прескапо платен и е стандарден член на националниот тим. Пинто е сигурен дека Хујсен има квалитет да ја освои Златната топка и дека е единствен стопер кој може да стигне до ласкавото признание.

„За мене, тој е единствен централен дефанзивец кој може да ја освои Златната топка. Додека играше во Борнмут, забележав дека има неверојатни лидерски квалитети, тренерот Ираола на ден пред натпревар правеше завршни подготовки и Хујсен секогаш беше најдобар. Не можете да очекувате за половина година да стане лидер на еден Реал Мадрид, тоа е огромен клуб, но ќе се развива како што ќе поминува времето“, смета Пинто.

Хујсен последните недели е во немилост на навивачите на Реал кои сметаат дека нема квалитет да го носи белиот дрес и го исвиркаа пред почетокот на минатонеделниот меч против Леванте.