Повредата е минато: Барди е спремен за историја – пласман во финале на Копа дел Реј!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди ги мина последните тестови на издржливост, па е подготвен со својот Леванте да напише историја и да обезбеди пласман во финалето на Копа дел Реј, во пресметката со Атлетик Билбао вечерва од 21 часот во реванш полуфиналниот меч.

Барди се повреди пред осум дена кога Леванте објави дека има мускулна повреда која најмалку една недела ќе го оддалечи од терените, па викендов го прескокна мечот, а синоќа на последниот тренинг успеал да ги издржи тестовите, за да се најде на списокот на повикани, што е многу добра вест за тренерот Пако Лопез.

Барди е еден од клучните играчи на Леванте, па неговиот настап и тоа како е значаен за малиот клуб од Валенсија, најмногу поради стабилноста што ја носи во средниот ред, но и фактот што со еден индивидуален потег може да го реши и победникот, дали со асистенција или со гол од прекин.

Леванте има 1-1 од првиот меч со Баскијците, па ако успее да ја мине „жолтата подморница“, тоа ќе биде историски успех за малиот клуб кој никогаш не стигнал толку далеку во кралскиот куп и настап во финалето, па и евентуален трофеј би било нешто – спектакуларно.

Барди во шпанскиот клуб дојде во летото 2017 година за 1,5 милиони евра од унгарски Ујпешт и за четири сезони веќе се промовира во најдобриот странец што некогаш играл за овој клуб (најдобар стрелец и фудбалер со најмногу настапи за овој клуб).