Попушти ѕидот пред голот на Арсенал: Сити во 97. минута извлече бод (ВИДЕО)

Манчестер Сити се спаси од првиот пораз на домашен терен по речиси две години откако попладнево одигра 2-2 во дербито со својот голем ривал за титулата Арсенал.

Арсенал не славел на Итихад од 18 јануари 2015 година и ќе мора да почека барем уште една година за да ја оствари првата победа како гостин во ерата на Пеп Гвардиола. Којзнае каков ќе беше исходот ако Арсенал не останеше со фудбалер помалку пред крајот на првото полувреме бидејќи поради два жолти картона во соблекувална мораше да замине Тросар.

Домаќините го отворија резултатот преку Халанд во деветтата минута што беше 100. гол за Норвежанецот во дресот на Сити. Калафјори во 22. минута израмни со прекрасен погодок, а Габриел во судиското продолжение од првото полувреме го комплетира пресвртот. Во вториот дел се играше главно на половината на Арсенал, изгледаше дека ѕидот пред голот на Арсенал е сигурен, голманот Раја исто така, но сето тоа важеше до 97. минута. По еден корнер од левата страна, дојде до мешанница во шеснаесетникот на Арсенал, топката некако стигна до Стоунс, а тој од непосредна близина ја смести во мрежата на гостинскиот тим.

Сити со ова го расипа максималниот ефект од почетокот на сезоната, но остана на чело на табелата со 13 бода, еден повеќе од Ливерпул и Астон Вила.