Покетино се изнервира од однесувањето на своите фудбалери: Следниот пат сите ќе „летате“

Аргентинскиот стручњак на клупата на Челси, Маурисио Покетино остро ги нападна своите фудбалери за нивното однесување при изведувањето на пеналот на синоќешниот меч против Евертон.

„Сините“ славеа со 6-0, но убедливиот триумф остана во сенка на инцидентот што се случи во второто полувреме. Челси доби удар од 11 метри, Палмер тргна да изведе, но Мадуеке и Џексон се обидоа да му ја земат топката по што почна туркање пред белата точка. Палмер претходно постигна хет-трик, а Мадуеке сакаше да се запише во листата на стрелците и којзнае што ќе се случеше ако не притрчаше капитенот Конор Галагер да му овозможи на младиот фудбалер да го шутира пеналот. За Покетино, ваквото однесување е срамно и фрла сенка на убедливата победа.

„Следниот пат сите ќе 'летате' надвор. Не се шегувам. Ова е последен пат да направите вакво нешто, невозможно е после вакво издание да имаме срамно однесување. Ова е детски. Пред се, сакам да истакнам дека играчите, стручниот штаб и и сите во клубот знаат дека Кол Палмер е прв изведувач на пеналите“, порача, меѓу другото, Покетино.

Во врска со ситуацијата се огласи и Палмер кој потврди дека е прв изведувач на пеналите, но додаде дека инцидентот на теренот не оставил последици во соблекувалната каде атмосферата била одлична.