Подолски официјално се збогува со фудбалот, ама не во земјата во која е роден (ВИДЕО)
Тој пред 50.000 навивачи на стадионот „Рајн Енерџи“ се прости од фудбалот во дресот на Келн, клубот во кој ја започна својата кариера. Иако последните три години ги помина во Полска, земјата во која е роден и тоа за тимот на Горник, напаѓачот реши да се збогува во местото каде што се започна з анего.
Популарните „јарци“ приредија проштален натпревар за својата легенда, во кој тимот по име „Полдис 11“ го совлада Келн со 5-3. Целиот настан беше многу емотивен, а Подолски по егзибицискиот меч доби овации од навивачите, на кои подоцна им се придружи на трибините и со пиротехника и навивачки песни на својот сакан клуб стави точка на својата богата кариера.
Лукас во пребогатата јариера двапати играше за Келн, на кој му се приклучи како десетгодишник, а на 181 меч за оваа екипа постигна 86 голови и забележа 41 асистенција. Го носеше и дресот на Баерн Минхен, со кој ја освои двојната круна во 2008 година, а потоа патувањето го однесе во Арсенал, со кој го триумфира во ФА Купот и Комјунити Шилд. Освои трофеи со Галатасарај во Турција и со Висел Кобе во Јапонија. Дел од кариерата мина и во Интер, како позајмен играч од Арсенал, а настапуваше и за Анталија, односно Горник Забрзе каде играше последните три сезони.
Подолски дури 130 пати го облече дресот на германската репрезентација и постигна 49 гола, а во 2014 година со „панцерите“ ја освои титулата светски првак. Нему во последниот меч му се придружија бројни легенди како Матс Хумелс, Мануел Нојер и неговиот поранешен соиграч од Арсенал, Пер Мертесакер. Дел од настанот беа и поранешниот германски селектор Јоаким Лев и Ханси Флик.