Почнува сезоната во Англија: Сити и Јунајтед по трофејот во Суперкупот

Со дуелот од Суперкупот кој го носи името Комјунити Шилд, денеска официјално почнува клупската сезона во Англија.

Првпат по 13 години во овој меч ќе се сретнат градските ривали Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед кои минатата сезона ги освоија трофеите во Премиер лигата и ФА Купот. Сити е шампион на Англија четири пати по ред, но на последните три изданија од Суперкупот доживеа порази, од Лестер, Ливерпул и Арсенал. Последен пат овој трофеј го освои во 2019 година, па денеска повторно ќе се обиде да дојде до осмиот пехар во ова натпреварување.

Јунајтед не играл во Комјунити Шилд од 2016 година од кога датира и последниот триумф во него, со победата против Лестер со 2-1. И покрај тоа, клубот од Олд Трафорд е најтрофеен во Суперкупот со 21 пехар.

Во текот на подготовките Сити беше несигурен во дуелите со Селтик, Милан, Барселона и Челси и засега е сигурно само дека во добра форма е Ерлинг Халанд, додека Јунајтед загуби од Ливерпул и Арсенал, а ги совлада Бетис и Ренџерс. Денешниот натпревар се игра од 16 часот на Вембли.