По осум меча без победа: Јувентус му „удри клоца“ на тренерот од Хрватска!
Неуспехот во Рим беше трет последователен за „старата дама“, која претходно загуби од Комо (0-2) во Серија А и од Реал Мадрид (0-1) во Лигата на шампионите. Тимот на Тудор немаше победа веќе осум натпревари по ред, со пет ремија и три порази — најлош низ на Јувентус уште од 2009 година. Дополнително, Јувентус не успеа да постигне гол 397 минути, односно четири натпревари по ред — нешто што последен пат му се случило во сезоната 1990/91.
Тудор ја презеде клупата на Јувентус во март оваа година, по отпуштањето на Тијаго Мота. Успеа да ја стабилизира екипата и да избори пласман во Лигата на шампионите, што му ја обезбеди довербата и за оваа сезона. Но, резултатите значително опаднаа - во 24 натпревари под негово водство, Јувентус оствари 10 победи, осум ремија и шест порази.
Со новиот пораз, Јувентус остана на осмото место во Серија А со 12 освоени поени, а управата веднаш започна потрага по нов тренер кој ќе го врати клубот во борбата за врвот.