По четири години, Рамос се враќа на „Бернабе“
Првпат по 1 март 2020 година, Серхио Рамос ќе заигра на стадионот на Реал Мадрид, овојпат како играч на Севиља. Последниот меч во домот на „кралскиот клуб“ беше дербито против Барселона пред четири години на кое Реал славеше со 2-0. Две недели подоцна почна пандемијата со корона вирусот поради што шпанското првенство беше прекинато, а откако заврши паузата, Реал се пресели на својот тренинг стадион затоа што почна реконструкцијата на „Сантијаго Бернабе“.
Така беше и следната сезона, последна за Рамос во дресот на Реал во која мадридскиот тим не успеа да ја одбрани шампионската титула. Последен пат Рамос го носеше белиот дрес на 22 мај 2021 година, против Виљареал, но не влезе ниедна минута по што раководството на клубот одлучи да не го продолжи договорот со него и капитенот, по 16 години во Реал, се пресели во ПСЖ.
Во 2022 година „светците“ гостуваа во Мадрид во рамките на Лигата на шампионите, но Рамос тогаш беше повреден и повторно не заигра. Можност да се претстави пред навивачите на Реал ќе има вечерва, како играч на Севиља каде и ја започна својата професионална кариера. Планирано е вечерва да му биде оддадена посебна почит со тоа што кога официјалниот спикер ќе го претстави пред почетокот на мечот, навивачите ќе ја испеат песната посветена на него и на голот од финалето на Лигата на шампионите во 2014 година.
Со 22 трофеја, Серхио Рамос е еден од најуспешните фудбалери во историјата на Реал Мадрид. Негов сон беше да ја заврши кариерата во овој клуб, но тоа не се поклопи со плановите на претседателот Флорентино Перез кој не сакаше да му даде долгорочен договор и разделбата беше неминовна. За Реал, Рамос забележа 671 настап во сите натпреварувања и постигна 101 гол, а од 2015 година до заминувањето беше капитен на тимот.