Петте најсилни лиги од сезонава ќе имаат историска заработка – 19 милијарди евра!

Корона-пандемијата заврши, стадионите се отворија, навивачите ги преполнија, а фудбалот кој после локдаунот продолжи да се игра, брзо ќе се врати во нормала и клубовите ќе остваруваат неверојатни заработувачки, предвиде консултантската куќа „Делоит“ посочувајќи дека од сезонава приходите ќе дојдат во петте најсилни лиги до – 19 милијарди евра

Според пресметките на „Делоит“ во својот годинешен извештај „Фудбал Фајнанс“ од оваа сезона 2022/23 која штотуку почна, заработката на клубовите во петте најсилни лиги од т.н. „лига петка“ ќе биде безмалку 19 милијарди евра или поточно 18,6 милијарди, што е за 1,2 милијарди повеќе од историскиот максимум пред пандемијата од 17,4 милијарди евра.

Според студијата и проекциите, англиската Премиерлига останува финансиски најмоќна со тоа што за 11 отсто ќе се зголемат приходите и прометот во сезоната ќе достигне огромни 38 отсто од вкупниот во петте најсилни лиги – 7,11 милијарди евра.

Длабоко зад Премиерлигата, но како втора најмоќна е шпанската Ла Лига со 3,7 милијарди, а трета е Бундеслигата за 100 милиони помалку – 3,6 милијарди. На дното од петте лиги остануваат фрацуската Лига 1 и италијанската Серија А. Калчолигашите ќе направат заработувачка од 2,4 милијарди, додека Лига 1 од 1,8 милијарди евра.

„Делоит“ укажува и на бумот што се случува во последнава година во фудбалот, со 15 клубови во кои или имало купување на малцински пакет на акции кај 11 клубови, а четири се комплетно купени и преземени од други газди.