Петраков: Очекувам цврст и тежок меч, Македонија е добра репрезентација

Утре од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“, Македонија ја пречекува Ерменија во натпревар од второто коло на Лигата на нации, селекторот на гостите, Олександр Петраков очекува тежок меч.

За разлика од Македонија, Ерменија одлично ја почна Лигата на нации победувајќи ја Летонија со убедливи 4-1, па со самодоверба допатува во Скопје.

„Го гледавме натпреварот на Македонија против Фарски Острови. Минатата година игравме со македонската репрезентација, па се сеќаваме и на тој меч. Македонија е добар тим и не можеме да очекуваме дека лесно ќе победиме. Мислам дека тоа ќе биде цврст и тежок натпревар и нијанси ќе го одлучат победникот“, изјави селекторот Петраков.

Слично размислува и фудбалерот на Ерменија, Андре Чалишир.

„Среќни сме поради победата над Летонија на стартот, но сега пред нас е тежок натпревар. Одиме чекор по чекор и се надеваме на најдоброто, на секој меч го даваме максимумот“, вели Чалишир.