Паузата добро ќе ѝ дојде на Барса - двајца се враќаат за Атлетик Билбао

Иако се уште е далеку од комплетирање на тимот, Барселона ќе има повеќе фудбалери во комбинација по репрезентативната пауза која почна вчера.

Следен противник на каталонскиот тим е Атлетик Билбао, на 22 ноември, а Ханси Флик на тој меч ќе може да смета на двајца фудбалери кои повеќе од еден месец ги немаше во тимот. Се враќа Рафиња кој последен пат играше на 25 септември против Овиедо, а на истиот натпревар се повреди и голманот Жоан Гарсија кој најверојатно ќе биде на голот против Атлетик.

Двајцата многу ѝ недостасуваа на Барселона во овој период. Без Рафиња, играта на екипата не е течна како минатата сезона, а Шчесни овојпат не се покажа како достојна замена за првиот голман и прими барем по еден гол на сите натпревари на кои бранеше додека Жоан Гарсија беше во аут. Рафиња и Гарсија пропуштија вкупно девет натпревари на кои Барселона доживеа три порази, оствари пет победи и еднаш ремизираше.

Сепак, Флик против Атлетик не може да смета на важни играчи во средниот ред, Педри е повреден, а Де Јонг доби црвен картон против Селта, па ќе мора да најде начин да го покрие нивното отсуство.