Пандев: Жалам што не освоив „скудето“ со Наполи, од Елмас сфатив колку е неверојатно!

Македонската калчо-икона Горан Пандев, кој за две децении на Италија остави неверојатен белег во фудбалот на Чизмата, за италијанските медиуми откри за што најмногу жали во блескавата кариера од младинците на Интер преку Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, а тоа е – неосвојување на „скудето“ со наполитанците.

Пандев за италијанските медиуми е посебно интересен поради вечерашниот меч на Џенова и Наполи, двата клуба за кои настапуваше, а иако македонскиот ас освои сѐ во кариерата од Лига на шампиони и светска клипска титула, до „скудето“ и неколку италијански купови, плус суперкуп, сепак има нешто за кое посебно жали откако Наполи со друг Македонец, Елиф Елмас годинава стана првак по 33 години пауза.

„Јас во кариерата освоив сѐ, со Валтер Мацари на клупата во Наполи освоивме Куп, во последната година бевме втори, но имавме прекус тим за да се бориме на три фронта. И жалам што не освоив 'скудето' со Наполи, разговарајќи со Елмас сватив колку тоа е неверојатно“, рече Пандев

Македонската легенда е силна поддршка за Елмас, па нема момент да не го пофали „дијамантот“ кој веќе четири години игра во Наполи и во изминатата шампионска година имаше силен придонес со шест гола и три асистенции.

„Елиф напредуваше многу, многу порасна, тој е скромно момче кое многу работи, многу напредуваше и многу сум среќен за него. Промени многу улоги, јас преферирам да игра како офанзивен фудбалер за врска, но исто така и како крило. Елмас може многу да даде и како централен играч за врска. Накратко – многу комплетен фудбалер“, додаде Пандев.