Освои шест титули во ЛШ со Реал, сега тврди: Никогаш не би се вратил таму

По 13 години во тимот, Начо Фернандез минатото лето одлучи да замине од Реал Мадрид, клуб каде ја помина речиси цела кариера и освои 25 трофеи, вклучувајќи шест во Лигата на шампионите.

Никогаш не беше ѕвезда на тимот, но од Реал си отиде како капитен, а последен меч му беше финалето од ЛШ против Борусија Дортмунд во кое мадридскиот гигант славеше со 2-0. Нова станица во кариерата му е Саудиска Арабија, игра за Ал Кадсија и тврди дека и покрај проблемите во одбраната со кои се соочува Реал, не би се вратил да помогне.

„Не ме повикал никој од Реал, но што ако ме повика? Не размислувам за тоа, имав јасна одлука знаејќи дека секако ќе одиграм 30-40-50 натпревари во сезоната. Никогаш не би се вратил во Реал, ако ми се јави некој оттаму, би рекол дека сум среќен во Саудиска Арабија“, изјави Начо.

Тој им препорачува на челниците на Реал, место да бараат ветерани да помогнат во овој период, да им дадат шанса на играчите од академијата, како што беше случај со 21-годишниот Асенсио на дуелот против Осасуна.