Од Џиџи до Џиџо: Јувентус никогаш не е погрешен избор!

Џанлуиџи Донарума, сакал или не, се наметна како наследник на Џанлуиџи Буфон, па за медиумите е доста интересен нивниот однос. Во интервју за „Газета дело спорт“, Буфон го прашаа што ќе му даде совет на младиот колега.

Стивна летната бура поврзана со Џиџо Донарума, кога едвај се измолија со Милан да потпише нов договор, а сега со доаѓањето на новиот трансер-период повторно се јавуваат гласини дека можеби ќе ја смени средината. Што има големиот Буфон да му даде како совет?

„Јувентус никогаш не е погрешен избор. Сепак, не можам да му давам совети на Џиџо, бидејќи не сум во неговата ситуација. Не знам колкава емотивна конекција има со Милан. Неутрално, можам да му кажам две работи, кои веќе му ги кажав додека бевме во репрезентацијата, но она што ја прави разликата од еден до друг човек е она што ти вибрира во душата“, изјави голманот на Јувентус и на Италфија.

Тој најави пензионирање, но неодамна го смени мислењето и најави дека можеби ќе остане на голот и следната сезона. Засега неговиот статус е на „ќе видиме“.