Нова драма: Братот на Марио Геце остана без свест по судар со – соиграч!

Ужасна сцена беше видена на денешниот натпревар од Третата лига во Германија помеѓу Викторија Берлин и Кајзерслаутерн, откако еден од гостинските фудбалери остана да лежи без свест на теренот по жесток судир со – соиграч.

Станува збор за Феликс Геце, брат на далеку попознатиот Марио Геце, кој во 71. минута се онесвести поради што останатите од двата тима му притрчаа во помош за да му го извадат јазикот со цел да не се задуши. Сите беа во шок, а во главите им беа сцените од Ериксен на неодамнешното ЕВРО 2020, кога лекарите долго време се бореа за неговиот живот.

„Нашите фудбалери помогнаа Феликс да биде ставен на носилки и однесен во болница. Веднаш кога ќе добиеме информации за неговото здравје ќе ја информираме јавноста“, изјавија од Кајзерслаутерн.

Некогашниот германски шампион ги преживува најтешките денови, откако минатата сезона испадна во третиот по квалитет ранг, а сезонава има само еден бод по првите три одиграни кола.