Њукасл со фуриозен финиш го освои Лондон, нов шок за Де Зерби и Тотнем (ВИДЕО)

Екипата на Њукасл Јунајтед дојде до голема победа на вечерашното гостување кај Тотнем (2-0) во меч од 2. коло од Премиер лигата, продолжувајќи го кошмарниот старт на сезоната за лондонскиот клуб.

Екипата на Еди Хау одигра тактички зрел меч и со два брзи удари во вториот дел ги спакува трите бода за патувањето назад на северот. Домаќините доминираа во првото полувреме, создадоа серија сериозни закани преку Педро Поро, Матис Тел и Омар Мармуш, но мрежата на Њукасл остана недопрена.

Казната за промашувањата стигна во 62. минута. Ентони Еланга одлично ја прифати топката по асистенцијата на Дедиќ, мајсторски се ослободи од чуварот и со помош на стативата го совлада Кински, постигнувајќи го својот втор гол во првите две кола. Само десет минути подоцна, во 72. минута, гостите го зададоа клучниот удар. По корнер на Луис Хол, Ник Волтемаде ја префрли топката, а Јоан Виса со атрактивна акробација ја смести во мрежата за конечни 2-0.

Менаџерот на Тотенхем, Роберто Де Зерби, се обиде да внесе свежина со неколку измени во завршницата, но неговиот тим немаше одговор за цврстата одбрана на гостите. Со овој триумф Њукасл дојде до четири бода по воведното реми (2-2) со Ливерпул, додека Тотнем останува на дното без бодови и со гол-разлика 0-5 по двата стартни порази.

Головите може да ги погледнете ТУКА.

ФОТО: X / @NUFC