Невил удри по тандемот од средниот ред: Доволно видов од нив во Јунајтед!
Невил им порача на фудбалерите на Јунајтед, по новото разочарување во Премиер-лигата, конечно да се соземат и да почнат да играат онака како што се очекува од нив.
Манчестер Јунајтед вчера повторно мораше да се задоволи со реми, откако на „Олд Трафорд“ одигра 1-1 против Тотнем, иако имаше гол предност и фудбалер повеќе на теренот.
Невил не го криеше незадоволството од прикажаното. Во својот подкаст „The Gary Neville Podcast“ објасни што, според него, не функционира во тимот.
„Не трчаат доволно, не покажуваат доволно упорност, решителност и борбен дух. Свирежите од трибините ви кажуваат колку се разочарани навивачите од она што го гледаат. Она што го гледаме во моментов, изгледаат како тим кој целосно се повлекол во себе. Имам впечаток дека овој клуб во моментов е преголем залак за некои од тие играчи. Кога Мајкл Керик одмавнува со главата, веројатно се прашува: ‘Дали овие играчи воопшто играат за мене? Што се случува со нив? Дали ја изгубиле самодовербата? Дали целосно се исклучиле? Дали тонат? Што, по ѓаволите, се случува?’
Посебно го критикуваше тандемот од средниот ред.
„Што се однесува до Јури Тилеманс и Коби Мејну, мислам дека досега веќе видовме доволно. Не велам дека треба дефинитивно да се откажеме од тој тандем, бидејќи тоа можеби би било премногу радикално. Но, видов доволно за да заклучам дека на тој среден ред едноставно му недостасува динамика за клуб како Манчестер Јунајтед и за барањата на Премиер лигата“, истакна поранешниот англиски репрезентативец.