Несторовски: Среќен сум за голот – конечно по подолго време да дадам придонес за победа!

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски после скоро три месеци повторно даде гол за Удинезе, овојпат решавачки за триумф против Фиорентина со 1-0, со што црно-белите дојдоа на двоцифрена предност во однос на опасната зона, предност која ги носи на половина пат од зацртаната цел опстанок на 14 кола до крајот на Калчото.

За Несторовски ова беше втор сезонски гол во 15-от настап, а прв после долго време како стартер (скоро два месеци) и воглавно македонскиот центарфор добиваше шанса од клупата во оваа сезона.

„За мене секој гол е важен, јас сум напаѓач и тоа е нормално, мојата задача е да давам голови. Среќен сум што погодив и што тој гол се покажа како клучен за трите бода на Удинезе. Конечно можев да придонесам со гол после подолг период“, вели Несторовски.

Првиот гол што Несторовски го даде беше на 12 декември лани во триумфот на Удинезе кај Торино со 3-2, кога го постигна третиот гол за триумф, откако неговиот тим прокоцка предност од 2-0 после нешто повеќе од еден час игра на тој меч.

Удинезе со оваа победа, седма сезонава, сега има 28 бода колку и Болоња, а првиот во опасната зона Калјари има 18, додека останатите загрозени Парма и Кротоне се со уште послабо бодовно салдо – 15 односно 12 бода.

„Ова се три многу значајни и важни бодови, зашто знаевме дека играме доста битен натпревар и со оваа победа напредувавме и сега сме уште подалеку од опасната зона. Сега сме подалеку од таа зона, итаме кон целта за оваа сезона и ќе дадеме сѐ за што е можно побрзо да го оствариме тоа што сме го зацртале. Кога сте во компликувана ситуација, мора да пронајдете мотивација плус, нешто од внатре кај секој од нас за да успеете. Победивме и среќен сум за сите, кои како мене, имаа помалку шанса во првенството“, додава Несторовски.

Најверојатно трите клучни мечеви на кои Удинезе практично ќе го завери опстанокот се играат во април, после репрезентативната пауза кога Удинезе го очекуваат пресметки со Торино дома (11 април), Кротоне на гости (18 април) и Калјари дома (21 април).