Несторовски не си оди од Удинезе – го одбил клубот на Силвио Берлускони!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски, кој првата сезона во Удинезе по ланскиот трансфер во овој калчолигаш ја заврши со три гола, експресно ја одбил понудата на амбициозната Монца, предводена од магнатот и екс-прв човек на Милан, Силвио Берлускони, објавија италијански медиуми.

Удинезе уште од пред некое време се појавуваше меѓу шпекулациите на Апенините дека по една сезона може да си оди од Удине, па како можна дестинација се посочуваше Кротоне, но и Монца, која првпат ќе игра во Серија Б, ама има амбиции да дотурка во новата сезона во калчо-елитата.

И според информациите на дел од италијанските медиуми, Монца веќе го побарала Несто-гол, но веднаш и добила негативен одговор.

„Несторовски, кој го даде голот за опстанок против Јувентус, доби понуда од Монца, но бившиот фудбалер на Палермо ја одби таквата опција и во прв план му е да продолжи да игра во црно-белиот дрес, па дури и ако биде прва резерва за нападот на Удинезе“, пишуваат италијански медиуми.

Несторовски во новата сезона која ќе стартува на 19 септември ќе ја игра петтата сезона во Италија откако дојде во Палермо од Интер Запрешиќ, па беше капитен на сицилијанскиот тим се до ланското лето, кога клубот банкротираше, па како слободен играч дојде во Удине.