Нема крај на кризата: Од февруари, Лаутаро постигнал само еден гол во Серија А
Аргентинецот блескаше во првите две третини од првенството кога Интер и ја направи клучната предност во однос на конкурентите, па потоа како да си зеде одмор. Неговата одлична форма во дресот на миланскиот тим траеше до крајот на февруари, а голгетерската криза во Серија А трае до денес.
Од 28 февруари, кога Интер ја победи Аталанта на домашен терен со 4-0, Лаутаро одигра 15 натпревари за својот тим, а постигна само еден гол и тоа во триумфот над Емполи на гости со 5-0. По четири одиграни натпревари во новата сезона (не играше против Лече), Лаутаро се уште е без постигнат гол во Серија А и тоа е можеби главната причини што Интер е на само осум бода по петтото коло.
Интересно е тоа што во меѓувреме, напаѓачот блеска во дресот на аргентинската репрезентација. Од март, тој постигна дури осум гола во дресот на националниот тим, беше најдобар стрелец на Копа Америка и најзаслужен што Аргентина ја одбрани титулата на континенталното натпреварување, а погоди и во финалето против Колумбија.