Нејмар поставил два нереални услови за да остане во ПСЖ?!

Заминувањето на бразилската ѕвезда Нејмар од Пари Сен Жермен и понатаму е топ-тема во шпанските меидуми, иако првиот човек на парискиот гигант Насер Ал Келаифи изјави дека е двесте отсто убеден во останувањето на Бразилецот.

Реал Мадрид и Манчестер јунајтед наводно се силно заинтересирани да платат и преку 250 милиони евра за да го донесат Нејмар, за кого цела сезона се посочува дека е многу незадоволен од претстојот во Париз. И сега, според шпанскиот новинар Едуардо Инда, Нејмар на ПСЖ му поставил два – нереални услови. Всушност, ако добро се размисли, такви трансфери спаѓаат во доменот на научната фантастика.

Нејмар пред два дена имал средба со тренерот Томас Тухел, кој му рекол дека целата игра ќе ја гради врз него, но и му порачал дека во тимот тој е шеф. Нејмар, пак, сега побарал од клубот да донесат две засилувања и тоа негови сонародници и пријатели. Станува збор за левиот бек на Реал Мадрид, Марсело, како и фудбалерот за врска од Барселона, Фелипе Кутињо.

Веќе е јасно дека ПСЖ ваквите желби нема да може да ги оствари, од причина што прво Марсело и Кутињо не се на продажба. Реал Мадрид по никоја цена нема намера да го продаде Марсело, а Кутињо зимоска дојде во Барселона и тешко дека ПСЖ вторпат ќе може да им украде ѕвезда, како што тоа го стори со Нејмар.

Второ, ПСЖ има проблем со финансискиот фер-плеј, па дури и да тргне Ал Келаифи во некаква невозможна мисија ќе биде сопрен од УЕФА со сериозна санкција, која и онака му се заканува на клубот. Затоа и во Шпанија се надеваат дека Нејмар по секоја цена бара закачка за да ја прекине соработката.