Најтрофејниот фудбалер во историјата ѝ се нуди на Барселона и тоа - бесплатно!

Ако на некој квиз добиете прашање за тоа кој е најтрофеен фудбалер на сите времиња, а меѓу понудените одговори се најдат Лео Меси, Златан Ибрахимовиќ, Кристијано Роналдо и Дани Алвеш, речиси сигурно последниот однапред би го отпишале и би – погрешиле.

Феноменалниот Бразилец (38 години) зад себе има дури 43 трофеи и сигурно ќе остане запаметен како еден од најдобрите десни бекови во историјата. Беше член на неверојатната генерација на Барселона со Меси, Чави, Иниеста, која „жареше и палеше“ во Европа, создавајќи неверојатно дуо со Аргентиенцот кое беше „виновно“ на најголем број од головите.

По престојот на „Камп Ноу“, Алвеш играше за Севилја, Јувентус и за ПСЖ, по што се врати во Бразил, каде што неодамна го раскина договорот со Сао Паоло и стана слободен агент. Тој веќе некое време е во Каталонија, каде што има куќа и живее, поради што ѝ се понудил на управта на Барса знаејќи во каква криза е клубот. Парите за него не се проблем, а би играл дури и бесплатно.

„Ако луѓето од Барса сметаат дека сум им потребен, сè што треба да направат е да ми се јават. Сметам дека сè уште можам да помогнам“, изјави Алвеш.

Бербата трофеи ја почна во 2006 година, кога со Севилја го освои Купот на Кралот, Купот на УЕФА и Суперкупот, по што следеа осум сезони во Барселона каде што во просек секоја сезона доаѓал до неверојатни 2,8 трофеи.