Можно е лудо сценарио - Лестер и Манчестер јунајтед да играат плејоф за ЛШ!

Актуелната сезона во англиската Премиерлига која се доигрува поради пандемијата со коронавирус, може да донесе таква луда и невидена завршница во која за последното место во Лигата на шампионите би требало дополнителен плејоф меч.

Челси, Лестер и Манчестер јунајтед се трите клуба што бркаат две места во ЛШ покрај веќе сигурните Ливерпул и Манчестер сити, а како се приближува крајот на сезоната, Челси е речиси со една нога во елитното друштво, додека Лестер и Манчестер јунајтед ќе се борат за последното најмногу бидејќи имаат меѓусебна пресметка во последното коло.

Kако што стои ситуацијата сега, Челси со 63 бода е трет, има бод повеќе и меч помалку од Лестер, кој пак со меч повеќе од Јунајтед се на исто бодовно салдо – по 62 бода. И тука доаѓа до можната луда завршница во која после 38 кола, можеби ќе треба дополнителен плејоф меч на „лисиците“ и „црвените ѓаволи“. Челси има заостанат меч со Ливерпул, на кој ако победат ќе го верификуваат пласманот, но дури и да не победат, имаат домашен меч со Вулверхемптон во последната рунда на кој ќе им требаат бод(ови), а во исто време Лестер ќе го пречека Јунајтед.

Од тука почнува расплетот, а дали е можен плејоф ќе одговори денешниот меч на „ѓаволите“ со Вест Хем. Секако на Јунајтед им треба победа, ама ако победат со 5-3 се отвора шанса за плејофот. После утрешното коло, таква победа ќе го однесе Јунајтед на три бода пред Лестер, но и гостување кај „лисиците“. А, тие ако триумфираат минимално со 1-0, тогаш дополнителен бараж ќе биде реалност. Лестер и Јунајтед би имале така ист меѓусебен скор, а и иста гол-разлика. И ќе мора 39-та рунда да решава за кој да оди во ЛШ како последен патник во елитата.

Јунајтед ако не се пласира ќе има втора шанса за пласман, но само ако ја освои Лига Европа за која е прв фаворит, но тимот на Оле Гунар Солшер после одличните игри по рестартот во неделниот пораз од Челси во ФА-Купот покажа дека кога е најпотребно знае да направи кикс.