Михајловиќ откри детали од болница: Имав напад на паника, сакав да скршам прозорец...

Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ зборуваше за деталите од лекувањето од леукемијата, па откри некои работи кои досега не беа познати на јавноста.

Миха полека ја враќа силата и ритамот на тренинзите на Болоња, но свесен е дека мора да внимава на своето здравје.

„Ја добивам битката, но уште не е ништо готово. Поминаа 78 дена од трансплантација на коскената срж, а во првите 100 е најкритично. Морам да бидам трпелив уште 20 дена. Морам да признаам дека имав напади на паника во болница, бев затворен во соба со филтриран воздух. Не смеев да излезам и тоа ме нервираше. Ми дојде да скршам прозорец со столица, но сопругата и медицинските сестри ме запреа, ми дадоа инекција и се смирив. Се чувствував болно, но морав да дадам сила на своето семејство. Ако ме гледаа поразен, тоа ќе беше многу лошо“, открива Михајловиќ.