Меси преживувал драматични моменти: Кога реков дека си одам од Барса, цело семејство плачеше!

Најдобриот светски фудбалер Лионел Меси, денеска потврди во ексклузивно интервју за најпопуларниот портал „Гол.ком“ дека останува во Барселона после двенеделната сага и неговото барање да си оди од каталонската гордост, па откри каква семејна драма преживувал во овој период.

Аргентинецот побара раскин на договорот, но Барселона не го прифати со образложение дека поминал рокот за такво нешто и 700-те милиони евра отштета беа пречката за Меси да замине во друг клуб.

„Кога го испратив барањето за заминување, а ја информирав сопругата и децата – тоа беше брутална драма. Цело семејство почна да плаче. Моите деца не сакаа да си одат од Барселона, не сакаа да одат да учат во други училишта. Но, јас сакав да играм некаде каде што ќе имам тим кој ќе освојува трофеи, кој ќе се бори за нешто. Во фудбалот може да победите или да загубите, но мора да се борите. А, јас сакав да бидеме конкурентни и после тоа што ни се случи во Рим, Ливерпул и сега во Лисабон, не наведе да размислам и да посакам да продолжам понатаму“, објави Меси.

„Матео е уште мал и не ни сфати што се случува, ама Тијаго е поголем и тој веќе слушнал многу работи на телевизија и почна да прашува, а кога му кажав што е работата, почна да вреска: 'ајде да не си одиме'. Јас не сакав да му кажам дека сме приморани да си заминеме, зашто знаев дека му е тешко, дека ќе оди во нова средина... Моите деца пораснаа тука во Барселона, а мојата сопруга Антонела со сета болка ме поддржуваше. Не беше ништо проблематично да си заминеме, но се испречија други пречки“, додава Меси.