Меси купува куќа во Милано: Значи ли тоа трансфер во Серија А?

Италијанските медиуми побрзаа да ги подгреат шпекулациите дека Лионел Меси ова лето би можел да направи сензационален трансфер во Серија А, откако дознаа дека таткото на фудбалерот купил куќа во Милано.

Хорхе Меси навистина купил недвижен имот во Милано, но најверојатно не се работи поради неговиот син, односно трансфер во некој италијански клуб. Одлуката на Меси сениор е чисто финансиска, бидејќи во Италија од 2017 година има закон кој богатите странци кои ќе одлучат да живеат на Апенините ги ослободува од многу даноци.

Сепак, тоа дополнително ги загреа шпекулациите, бидејќи истиот закон би му бил од полза и на Лионел Меси, ако ја промени адресата на живеење од Барселона во Милано. Познато е дека семејството Меси имаше сериозни проблеми со законот во Шпанија поради криење данок.

Долго време постојат шпекулации дека Интер сака да го доведе Меси во своите редови, а така е уште од времето на претседателот Масимо Морати.