Меси до Левандовски: Лани беше најдобар, требаше да ти ја дадат „златната топка“

Аргентинската суперѕвезда Лионел Меси по седми пат ја освои најпрестижната фудбалска награда „златната топка“, откако по една година недоделување, вечерва фудбалерот на Пари Сен Жермен победи во изборот со Роберт Левандовски, кого многумина го гледаа како победник и поради тоа што лани не ја доби наградата поради пандемијата со ковид-19.

Меси по освојувањето на својата седма „златна топка“ порача дека Роберт Левандовски требало да ја добие наградата за ланската 2020 година и „Франс Фудбал“ згрешил што не ја доделил наградата.

„Голема чест е да се биде во битка со Роберт. Лани, ти беше победникот и беше најдобар и мислам дека 'Франс Фудбал' требаше да ти ја додели оваа награда“, рече Меси.

Аргентинецот ја посвети наградата на своите соиграчи во Аргентина, со кои летово дојде до континенталната круна во Јужна Америка, прва после 28 години.

„Јас оваа награда ја освојував, ама некако сѐ ми беше празно, чувствував дека нешто ми недостига и оваа година успеав тоа да го остварам, со Аргентина да бидам јужноамерикански првак. Голем дел од оваа награда оди за моите соиграчи на Копа Америка, зашто без нив немаше да го освојам ни трофејот, ни наградата. Оваа награда е и за вас, како и за мојата сопруга, децата, мојот татко, мојата мајка“, рече Меси.