Марадона јуниор: Елмас ме импресионира!

Синот на најголемата икона на Наполи и еден од најголемите на сите времиња Диего Марадона, Марадона јуниор го испофали македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, истакнувајќи дека е импресиониран од тоа како игра „дијамантот“ и тоа откако доби шанса да биде стартер, па даде два гола и запиша асистенција во двата меча на кои тргна од почеток.

Аргентинската легенда Марадона, долго време не го признаваше Марадона јуниор за свој син, па дури после две децении после афера со една Италијанка, реши да го признае како свој законски син, а Марадона јуниор кој е роден во Неапол, редовно е гостин по медиумите.

„Многу внимателно го следам Елмас и пред неколку недели морам да кажам направи глупост со тоа што го објави на социјалните мрежи. Мислам дека можеше да се избегне тоа за да не се крене прашина, но конечно ги дочека своите 'пет минути'. Македонецот доби шанса да игра како стартер поради отсуството на Квича Кварацхелија и покажа дека е одлучувачки кога ќе добие шанса, со голови и асистенција. И морам да кажам – ме импресионираше! Овие работи многу ме радуваат, зашто само покажува колку Наполи е силен и колку добар тренер е Лучано Спалети, најмногу и со начинот како го менаџира тимот“, рече Марадона јуниор.

Стадионот во Неапол го носи името на неговиот татко Диего Армандо Марадона, откако градските власти експресно донесоа одлука за преименување и на тој начин да му се оддолжат на својот великан за сè што направи, откако легендарниот Аргентинец почина на 60 години во ноември 2020 година.