Aндре Онана испратен на нова позајмица

Манчестер јунајтед и Трабзон постигнаа договор околу иднината на Андре Онана. Искусниот голман нема да се врати на „Олд Трафорд“, туку и следната сезона ќе го брани голот на турскиот клуб како позајмен фудбалер.

Камерунскиот чувар на мрежата, кој во 2023 година пристигна од Интер во трансфер вреден повеќе од 50 милиони евра, не ги оправда очекувањата во дресот на Манчестер јунајтед. Поради тоа, англискиот гигант повторно се одлучи да го испрати на позајмица во Трабзон.

Според договорот, станува збор за едногодишна позајмица, за која турскиот клуб ќе плати 1,3 милиони фунти, а воедно ќе го преземе и поголемиот дел од неговата плата.

Онана минатата сезона настапуваше за Трабзон, со кој успеа да го освои Купот на Турција, па двете страни решија да ја продолжат соработката и за претстојната натпреварувачка година.