Лудница: Англиските клубови летово потрошија 30 годишни буџети на град Скопје!

Англиските фудбалски клубови поставија нов светски рекорд во летниот преоден рок, откако 20-те прволигаши потрошија вкупно 4,07 милијарди евра за нови засилувања, сума што претставува речиси половина од вкупниот промет на светскиот фудбалски пазар.

За да се долови големината на оваа сума, потрошените пари во англиската елита се еднакви на две третини од државниот буџет на Македонија за 2026 година. Вкупната бројка е еквивалентна на буџетот на Град Скопје во последните 30 години, на годишната плата на сите вработени во државата, на изградба на 25 нови клинички центри во Скопје или на вредноста на вкупниот станбен фонд во градовите како Куманово и Прилеп.

Според податоците на „Трансфермаркт“, остварени се 305 влезни трансфери (4,077 милиони евра, што го надминува минатогодишниот рекорд од 3,6 милијарди), додека од 277 излезни трансфери се инкасирани 2,505 милиони евра. Нов тренд на пазарот е што 60 отсто од финансиските средства останаа на Островот, односно клубовите најмногу тргуваа меѓу себе.

Девет од десетте најскапи трансфери ова лето се реализирани токму во Премиер лигата. Единствен исклучок е Реал Мадрид, кој се најде на петтото место со купувањето на Јан Диоманде за 125 милиони евра. Најскапиот трансфер го реализираше Манчестер Сити, кој за 145 милиони евра го доведе Енцо Фернандез од Челси. „Граѓаните“ се и апсолутни рекордери по вкупно потрошени средства, а во Топ 10 листата имаат дури тројца играчи (Елиот Андерсон за 135 милиони и Ајуб Буади за 95 милиони евра), трошејќи 365 милиони евра само за обнова на средниот ред.

И покрај огромните трошоци, шест клубови го завршија преодниот рок во позитива. Најголема добивка оствари Астон Вила (60,05 милиони евра), следена од Кристал Палас (+58,15), Челси (+40,10), Брајтон (+26,65), Евертон (+24,70) и Нотингем Форест (+22,50). Челси успеа да оствари профит откако продаде дури 20 фудбалери за вкупна сума од 447,50 милиони евра.

ТОП 5 КЛУБОВИ СО НАЈГОЛЕМИ ТРОШОЦИ:

Манчестер Сити: 526,20 милиони евра

Челси: 406,70 милиони евра

Тотнем: 366,35 милиони евра

Њукасл: 313,80 милиони евра

Астон Вила: 300,20 милиони евра

(Зад нив следуваат Ливерпул со 264,6 милиони, Арсенал со 227,1, Ипсвич со 220,6 и Брајтон со 185,5 милиони евра).