Лаутаро проработи, Интер го победи Удинезе (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер на гостински терен славеа победа од 3-2 против Удинезе во рамките од шестото коло во италијанската Серија А.

Избраниците на Симоне Инзаги остварија важен триумф пред натпреварот во Лигата на шампионите кој ги очекува во средина на неделата. Посебно навивачите ги радува тоа што проработи Лаутаро Мaртинез кој ги постигна првите два гола во новата сезона.

Мрежата на Удинезе се тресеше по само 42 секунди, кога по одличното додавање од Дармијан Фратез се запиша во листата на стрелци. Успеа Удинезе да се консолидира и да изедначи во 35. минута благодарение на Кристијан Кабуиселе, Лаутаро во завршницата од првиот дел сепак обезбеди предност за шампионот на Италија.

Погоди Аргентинецот и по две минути игра во второто полувреме, за Лука Лоренцо во завршницата да ги постави конечните 3-2.