
„Ла Република“: Најбогатиот Европеец испрати понуда за да го купи Милан!
Иако вакво нешто во изминатите неколку месеци се најавуваше, многумина сметаа дека сето тоа е само уште една во низата шпекулации, но Арнаулт очигледно има сериозни намери со Милан, кој сега го управува инвестицискиот фонд Елиот, кој летоска го презема клубот откако Кинезот Женг после една година банкротираше и не можеше да го сервисира долгот за кредитот кон овој американски конзорциум.
Арнаулт е сопственик на луксузниот моден бренд „Луј Витон“, а неговото богатство се проценува на 93 милијарди евра. Според информациите на италијанскиот весник, понудата за Милан е вредна скоро една милијарда евра (975 милиони евра), со амбиција и план брзо да го врати во самиот врв во европскиот фудбал.
Инаку „Елиот“ преку сопстеникот Пол Сингер барал 1,2 милијарди евра за Милан, но лошите резултати потоа го натерале да ја спушти цената, па сега се претпоставува дека брзо ќе се најде заеднички јазик и ќе се реализира преземањето на „росонерите“.
Тоа што е сигурно е дека ако Арнаулт дојде во Милан, Паоло Малдини и Звонимир Бобан ќе си заминат, а на директорското место ќе се врати Ариеда Браида, еден од главните луѓе на Адријано Галијани, кои го создадоа моќниот Милан во ерата на Силвио Берлускони.