Куртоа се врати во Генк (ВИДЕО)

Белгискиот голман Тибо Куртоа официјално се врати во својот матичен клуб Генк, но овојпат во улога на инвеститор.

Преку инвестициската платформа „Некстплеј“, која работи во областа на спортот, медиумите и технологијата, а во која Куртоа е еден од инвеститорите, беше реализирана значајна инвестиција во клубот каде што ја започна својата професионална кариера.

Станува збор за првата инвестиција откако фудбалскиот клуб Генк претходно оваа година беше издвоен од спортското друштво. Промените беа направени со цел да се овозможат вакви вложувања и клубот да стане поконкурентен.

„Во текот на целиот мој живот се стремев кон извонредност, а истата амбиција и жар ги препознавам и во Генк. Оваа инвестиција навистина ми дава чувство дека се враќам дома. На овој начин сакам да му помогнам на клубот да продолжи да се развива и да ги оствари своите спортски цели“, изјави Куртоа.

Од клубот посочуваат дека улогата на „Некстплеј“ нема да се ограничи само на финансиска поддршка. Генк ќе биде еден од клучните проекти на платформата на меѓународно ниво, со акцент на комерцијална промоција, меѓународно позиционирање на брендот и поддршка на врвни спортисти.