
Јувентус не менува - го задржа хрватскиот тренер и за следната сезона!
Одлуката е донесена по успешното пласирање на тимот во Лигата на шампионите, а Тудор ќе ја предводи екипата и на Светското клупско првенство ова лето. Тој го презеде тимот од Торино кон крајот на март, со договор до крајот на сезоната и клаузула за автоматско продолжување на договорот за уште една година доколку обезбеди место во ЛШ. Иако клубот имаше можност да го раскине договорот со исплата на милион евра, раководството сепак одлучи да му даде доверба на хрватскиот стратег.
Во изминатиот период се појавија бројни шпекулации за иднината на Тудор, а како можен наследник се споменуваше и Антонио Конте, кој сепак остана во Наполи. Хрватот во досегашните девет натпревари на клупата на Јувентус забележа пет победи, три нерешени и еден пораз. Следен предизвик за тимот е Светското клупско првенство, каде Јувентус ќе игра против Манчестер Сити, Ал Аин и Видад Казабланка.
Тудор како играч помина девет години во Јувентус, а во сезоната 2020/21 беше помошник на Андреа Пирло. Потоа ги водеше Верона, Марсеј и Лацио, а во својата тренерска кариера работел и во Хајдук, Удинезе, ПАОК, Карабукспор и Галатасарај.