Јувентус ѝ продаде репрезентативен стопер на Рома за 30 милиони евра

Италијанскиот првак Јувентус ѝ го продаде репрезентативниот стопер на „аѕурите“ Даниеле Ругани на Рома, откако „старата дама“ се договори со римскиот калчолигаш за едногодишен заем со задолжителен откуп на договорот за вкупно 30 милиони евра.

Откако првакот за 70 милиони евра го донесе холадскиот суперталент Матијс Де Лихт во своите редови, Ругани стана прекуброен покрај Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини во дефанзивната линија, па Маурицио Сари реши да се ослободи од младиот централен дефанзивец.

Сега тој во Рома доаѓа за пет милиони евра сезонава како заем, а идното лето Рома ќе доплати уште 25 милиони за да го откупи договорот. Ругани доаѓа како засилување кај „волчицата“, која летово го продаде грчкиот репрезентативец Костас Манолас во Наполи.

Ругани во Рома ќе заработува по три милиони евра и сега овие детали римјаните треба да ги завршат за да го официјализираат трансферот.