Изненадување од Реал: Омилениот „касап“ на Мурињо влегува во неговиот стручен штаб?

Денеска или утре, Жозе Мурињо ќе биде претставен како нов тренер на Реал, односно повратник на клупата на мадридскиот клуб, а веќе почнаа шпекулациите во врска со неговиот стручен штаб.

Дел од шпанските медиуми објавија дека еден од помошниците ќе биде поранешниот стопер на Реал, Пепе кој со ова ќе ја почне својата тренерска кариера откако пред две години ја заврши играчката. И како активен фудбалер, Бразилецот со португалски пасош беше еден од милениците на Мурињо, пред се поради неговиот темперамент. Пепе играше точно една деценија во Реал и во тој период освои вкупно 13 трофеи, вклучувајќи по три во Лигата на шампионите и шпанското првенство.

И покрај тоа што се работеше за квалитетен стопер, Пепе остана запамтен по своите испади од кои најпознат е оној против Гетафе во април 2009 година кога нападна противнички фудбалер, го удираше со клоци, а потоа влезе во конфликт и со другите играчи поради што доби црвен картон. За инцидентот доби суспензија од 12 натпревари која се префрли и на следната сезона.

Мурињо тогаш не беше тренер, дојде една година подоцна, но го задржа португалскиот репрезентативец и во него гледаше столб на одбраната, но и на тимот.