Италија (з)бесна на интеровите тифози: Малку ли ви се 120.000 мртви од ковид-19?

Милански Интер завчера и официјално после 11 години пауза го освои 19-то „скудето“ во својата историја и се круниса за нов владетел во италијанскиот фудбал, па не требаше многу за илјадници навивачи и тифози на „нераѕурите“ да го окупираат центарот на Милано за да прослават.

Најмалку 30.000 навивачи на Интер излегоа да ја слават титулата и тоа среде пандемија од коронавирус и тоа во регионот кој беше прво жариште на опасниот ковид-19 уште во март лани. Доволно за цела Италија, а посебно здравствените власти да се кренат и гневно да реагираат, зашто на никој воопшто не му беше гајле за актуелната пандемија и ризикот за зараза, а практично ниту еден не ги почитуваше мерките за заштита (дистанца, маска...)

„Секој разбира дека треба да се развесели, можам и јас да ја разберам таа веселба, ама... Има ли некој чувство на одговорност? Барем сега треба да имаме одговорност по тоа што се случи во изминатава година? Малку ли ни се 120.000 мртви од коронавирусот досега, па сакаме уште?“, жестоко реагираше Франко Локатели, првиот човек на здравствениот совет на Милано.

Славјето на Интер се префрли и на политичкиот ринг, па опозицијата бара итна оставка на градоначалникот Џузепе Сала, кој воедно е и навивач на Интер, зашто дозволил да има вакво јавно и масовно групирање и собирање среде најтешката криза во светот.