Интер го „честеше“ Бенeвенто со пет голови, а можеше да даде уште толку (ВИДЕО)

Интер без никакви проблеми славеше на гостувањето кај Беневенто со 5-2 во рамки на Серија А. 

„Нераѕурите“ имаа уште многу шанси за да постигнат барем уште пет голови, но и домашниот тим исто така имаше уште неколку добри можности. Уште по дваесетина секунди Интер го отвори резултатот преку Ромелу Лукаку по асистенција на Ашраф Хакими. Потоа Галјардини зголеми на 0-2 во 25-тата минута, а само кратко потоа Лукаку со вториот гол донесе водство од 0-3. 

Беневенто се врати за момент преку Џанлука Капрари во 34-тата минута, но Хакими повторно врати три голови разлика во финишот на првиот дел. Лаутаро Мартинез го постигна петтиот гол за гостите, а Капрари со својот втор гол ги постави конечните 2-5. 

Удинезе доживеа дебакл на свој терен, бидејќи загуби од новолигашот Специја со 0-2. Андреј Галабинов ги доведе гостите во водство о 29-тата минута. Специја остана и со играч помалку по исклучувањето на Клаудио Терци во 66-тата минута, но и тоа не му помогна на тимот од Удине. Галабинов со својот втор гол во 95-тата минута стави точка на победата на Специја. Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски влезе во игра за тимот на Удинезе во 64-тата минута.